Балкански „селски фудбал“ - Хрвати и Босанци крвнички се тепале на пријателска

Невидена крвничка тепачка во која не се знаел кој кого удира, а учествувале двата тима се случил помеѓу Босанци и Хрвати во Меѓугорје, познато место каде доаѓаат илјадници католици и го сметаат за свето место.

Играле Олимпик од Сараево и Јадран од Плоче, а мечот требало да биде – пријателски. Ама, наместо тоа испаднал непријателски. Искри имало од самиот старт, само што не поради национална основа, туку од жестоките дуели.

Сè почнало од вербален дуел на двајца фудбалери, за на крај да излезе масовна тепачка, објавија и босанските и хрватските меидуми.

„Невиден метеж! Сите фудбалери, стручните штабови учествуваа во тепачката. Прво тргнаа да се тепаат стартерите, па се придружија и резервите. Ова нема врска со националистички инцидент, зашто немаше ни една таква навреда, туку сè беше во жар на борбата и одеднаш сè експлодира. За среќа нема повредени. А, така беше убаво времето, теренот одличен за фудбал и на крај наместо убав меч видовме – срамота! Немаше ни полиција, зашто никој не ни очекуваше дека ќе има тепачка на пријателски меч. Ама и да имаше полиција, тешко дека ќе можеа да направат нешто. Замислете џиновски ринг и бокс меч на секој местар“, рекол очевидец на настаните за медиумите.

Од хрватскиот тим објавија дека причина за инцидентот и прекинот бил фактот дека фудбалерите на Олимпик „тепале“ и кога немало топка во близина, па едноставно пукнал филмот во Јадран.

„Тие беа така наелектризирани, како да е вечно дерби, а не пријателски меч. Удираа без топка, сè нешто протестираа, па еден наш играч доби лакт во глава без потреба, а немаше топка во нозе и на крај мораше да одговориме. И избувна хаос, само што додека нашите тренери се обидуваа да ги смират страстите, противничкиот тренер како разјарен бик сакаше да се тепа си сите. За среќа сè мина без последици“, велат од Јадран.