Адеми по дебаклот на Динамо: Да си ги покриеме ушите и да продолжиме!

Динамо Загреб доживеа тежок пораз на вчерашното гостување кај Ријека (0-4) во меч од 23. коло од хрватското првенство, по што капитенот Аријан Адеми ја презеде одговорноста и порача дека тимот мора да се „покрие преку уши“ и да продолжи посилно.

Македонскиот репрезентативец беше максимално самокритичен.

„Сè видовте. Заслужено нѐ победија. Мораме да работиме уште понапорно, нема предавање. Можеби сме во нокдаун, но можеме да се кренеме“, изјави Адеми по натпреварот, потенцирајќи ја потребата од целосна посветеност пред клучните дуели со Осијек во Купот и Хајдук во првенството.

Ријека доминираше на „Рујевица“ и славеше со головите на Џуахра, Јанковиќ, Петровиќ и Чоп, задржувајќи ја предноста од еден бод пред Хајдук, додека Динамо сега заостанува седум бода. Загрепчани играа со играч помалку од 38. минута по исклучувањето на Канга. Фрустрацијата беше видлива и по средбата, кога играчите на Динамо разговараа со навивачите. Адеми не откри детали од разговорот, но неговиот соиграч Мартин Батурина го нарече поразот „срамен“ – констатација со која капитенот се согласи.

„Секоја година целиме кон титулата, така е и оваа. Клучно е да бидеме енергетски подобри – сите знаеме да играме фудбал, но енергијата носи титули“, додаде Адеми.