Вимблдон го откажа турнирот, ама сега бара отштета од 114 милиони евра!

Неофицијалното тениско светско првенство Вимблдон годинава нема да се игра, откако пред два дена организаторите го откажаа поради пандемијата со коронавирусот, па првпат нема овој гренслем да се игра по Втората Светска војна.

Но, неиграњето на Вимблдон за организаторите, сепак ќе донесе многу пари. Веќе е најавено дека тие ќе побараат отштета од осигурување од 114 милиони евра, кои по договор за осигурување им следуваат во случај да се откаже турнирот поради некаква криза.

Ова осигурување на Вимблдон му следува, откако осигурувањето беше востановено од 2003 година кога се појави САРС и имаше закани дека турнирот би можел да не се одржи. Тогаш челниците на Вимблдон бараа таков договор, во случај на пандемија или некаква криза да мора да се откаже гренслемот.

Сепак, овие 114 милиони евра за Вимблдон се премалку пари, зашто пресметките за неодигрувањето на овој тениски турнир на „Ол Ингланд клубот“ се дека се загубени 285 милиони евра.

Вимблдон е единствен од четирите најпрестижни турнири, од гренслемовите, кои имаат осигурување во случај на неодигрување на истиот.