Српски тенисер тешко се повредил во Дејвис купот – удрил со глава во стаклена врата!

Настапот на машката тениска репрезентација на Србија против Чиле се најде во сенка на сериозна повреда на Душан Лајовиќ, кој по поразот од Томас Бариос Вера во квалификациите за Дејвис купот мораше итно да биде пренесен во болница.

Според информациите од чилеанските медиуми, Лајовиќ на патот кон соблекувалната удрил со главата во стаклен панел, при што добил контузија на главата, расекотина на усната и можен скршен заб. Иако бил свесен во текот на целиот инцидент, неговата состојба била оценета како загрижувачка. Српскиот тенисер веднаш бил пренесен во клиника во Сантијаго, каде што лекарите извршиле дополнителни прегледи. Повредата на главата била главната причина за загриженост кај медицинскиот тим.

Инцидентот дополнително ја отежна ситуацијата за српската репрезентација, која по првиот ден од дуелот со Чиле губи со 0-2 по поразите во сингловите. Денеска на програмата е мечот во двојки, во кој Србија ќе се обиде да остане во игра за пласман понатаму. Настапот на браќата Сабанов е клучен, но здравствената состојба на Лајовиќ фрла сенка врз целиот дуел.

ФОТО: EPA PHOTO