Синер го реши и Медведев, а во финалето ќе брка нов рекорд

Јаник Синер, првиот тенисер на светот, се пласираше во финалето на Рим по победата над Данил Медведев во полуфиналето.

Синер сега го зголеми меѓусебниот скор против Медведев на 10-7, а ова му беше петта последователна победа против рускиот тенисер.

Италијанецот стигна и до 33 победи по ред на мастерс турнирите, продолжувајќи да го подобрува рекордот што во претходниот меч во Рим го презеде од Новак Ѓоковиќ. Тој исто така ја продолжи серијата од 28 последователни победи на сите турнири.

Сега Синер е на чекор до освојување на „Златен мастерс“, односно да победи на секој мастерс турнир барем еднаш во кариерата. Доколку тоа го направи во неделното финале, ќе стане најмладиот играч што го постигнал тоа, а воедно и единствениот покрај Ѓоковиќ.

Негов противник во финалето ќе биде Каспер Руд, кој претходниот ден го елиминираше Лучано Дардери со 6:1, 6:1. Во меѓусебните дуели, Синер води со 4-0.

Фото: ATP Tour/FB