Шокантно признание на Кирјос: Се мразев себеси, си ги горев рацете...

Австралискиот тенисер Ник Кирјос ја отвори душата во интервју за Скај каде на познатиот новинар Пирс Морган му откри низа работи кои веројатно само тој ги знаел.

На почетокот од 2019 година, тој се соочувал со големи психички проблеми, но на теренот тоа не можело да се забележи бидејќи триумфираше на турнирите во Вашингтон и Акапулко.

„Освојував турнири, но пиев секоја вечер, се самоповредував, си ги горев рацете и се сечев од забава. Чувствував зависност од болка и се мразев себеси. Мразев да се будам и да бидам Ник Кирјос“, откри Австралиецот со грчко потекло.

Понатаму, во интервјуто кое ќе се емитува викендов, тој признава дека голема помош во тие моменти добил од Енди Мареј со кого тренирал. Шкотскиот тенисер забележал дека на турнирите настапува со дресови со долги ракави, па го прашал што му е и потоа му помогнал да излезе од кризата.