Се освестија организаторите: Тенискиот турнир доби попладневни термини на ЛОИ!

После жестоките поплаки за условите со кои се соочуваат тенисер(к)ите на олимпискиот турнир во Токио, а Шпанката Паула Бедоса доживеа топлотен удар, организаторите се освестија и ги поместија мечевите за попладневните термини во Токио со цел да ги заштитат од високите температури надополнети со големата влажност на воздухот.

Досегашните мечеви во тенис почнуваа од 11 часот наутро по локално време, а сега поради големата жештина, мечевите ќе почнат во попладневните часови, од 15 часот по локално време, со што сите тенисер(к)и кои влегоа во завршницата од битката за медалите ќе имаат далеку поподносливи услови за игра.

Температурата во Токио е 31 степен, но е далеку потопло и надминува и 40 степени на терените каде се играат мечевите.

Русинот Данил Медведев денеска за време на мечот на кој триумфираше му се нафрли на судијата прашувајќи го „дали тој ќе ја преземе одговорноста, ако умре од жешкото време“.