Рафа Надал од тенисот ќе се збогува на домашен терен – во Дејвис купот!

Легендарниот шпански тенисер, Рафаел Надал, го потврди настапот во финалето од Дејвис купот, кое од 19 до 24 ноември ќе се одржи во Малага.

За 38-годишната легенда ова ќе бидат први средби по настапот на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, каде што во поединечна конкуренција беше поразен во втората рунда од Новак Ѓоковиќ, додека во двојки со Карлос Алкараз стигна до четвртфиналето. Потоа се повлече од УС Опен, а го откажа и Лејвер купот, кој се одржа минатата недела. Шпекулациите се дека ова ќе бидат последни средби во неговата пребогата кариера, која сакал да ја заврши на домашен терен.

Надал освои 22 гренслем-титули, а четири пати со Шпанија триумфираше во Дејвис купот (2004, 2009, 2011, 2019). Тој ќе настапи заедно со Карлос Алкараз, Роберто Баутиста Агут, Пабло Карено Буста и Марсел Гранољерс. Шпанците во четврт-финалето ќе играат против Холандија, а преостанатите двојки се Германија - Канада, САД - Австралија и Италија - Аргентина. Титулата ја бранат италијанските тенисери.