Проклетството на Ноле продолжува: Надал стана шампион на Рим

Рафаел Надал го освои турнирот во Рим со победата од 2-1 во сетови, односно 7-5, 1-6 и 6-3 против неговиот голем конкурент Новак Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ направи брејк уште во вториот гем од мечот (2-0), но во следниот гем Шпанецот веднаш возврати со иста мера и израмни потоа на 2-2, по што тенисерите беа сигурни на свој сервис. Во 11. гем Србинот ја загуби концентрацијата, а тоа го искористи Надал кој направи втор брејк и го освои сетот со 7-5.

Србинот во вториот сет беше неверојатен на теренот, па со два брејка на сервисот на Надал стигна до 6-1 и израмни на 1-1 во сетови, по што мечот се решаваше во третиот сет.

Надал прв се соочи со проблеми на свој сервис, и тоа во петтиот гем, кога Ѓоковиќ не искористи две брејк топки, а потоа Шпанецот направи брејк со водство од 4-2, по што го задржа водството и го доби сетот со 6-3.

Проклетството на Ѓоковиќ продолжува и понатаму затоа што Србинот нема триумф против Надал на земјена подлога уште од далечната 2016 година.