Опелка дивееше во Далас: Навредуваше навивач и судија, па самиот побара санкции од АТП!

Американскиот тенисер, Рајли Опелка, приреди драма на турнирот во Далас, откако за време на мечот против Камерон Нори влезе во вербален конфликт со навивач и со судијата Грег Аленсворт.

Тој не само што ги навреди присутните, туку по натпреварот отворено го нападна и АТП, барајќи санкции за судијата. Опелка го доби мечот со 4-6, 7-6, 6-4, кој кулминираше во завршницата. При неговото сервирање за победа на 5-4 и резултат 30:30, еден навивач неколку пати довикуваше од трибините, што го изнервира американскиот тенисер. Тој му се обрати со груби зборови: „Дали го правиш ова намерно или што? Влези на терен, брат, ако толку сакаш!“. Судијата Грег Аленсворт веднаш реагираше, казнувајќи го Опелка со одземање на поен, што му даде брејк-топка на Нори. Иако Опелка успеа да се извлече и да победи, по мечот не го криеше незадоволството.

„Аленсворт е најлошиот судија на АТП. Баш пред два дена разговаравме во соблекувалната за тоа кој е најлошиот судија на турнирот и сите се согласивме – тоа е Грег! Тој нема поим што прави, можеше да го смени исходот на мечот. Кога почнав да расправам со него, стана емоционален и збунет, не можеше да даде нормален одговор“, изјави Опелка.

Искусниот тенисер од Флорида го обвини судијата дека не ја извршил својата работа, па затоа тој морал сам да интервенира против навивачот.

„Тој човек ми дофрлаше на три поена по ред, а судијата не реагираше, па морав јас да го смирам. Ако ќе бидете дрски, ќе бидам и јас таков. Судијата не си ја заврши работата и потоа ме казни – значи две грешки направи. Се надевам дека АТП ќе го санкционира и ќе го отстрани од турнирот“, додаде Опелка.

Во четвртфиналето на турнирот во Далас, Опелка ќе се соочи со својот сонародник Томи Пол.