Новак се поблизу до Сампрас, првото место на АТП почнува да го брани уште денеска

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ја започна својата 279-та недела на тронот на АТП-листата, приближувајќи се до второпласираниот Пит Сампрас, кој има седум седмици повеќе поминати на првото место на вечната листа.

Сампрас во текот на кариерата запиша 286 недели, а рекордер е Роже Федерер со 310 недели на врвот. Ако продолжи во исто темпо, Србинот би можел да го мине Сампрас за два месеци, а Федерер дури во октомври.

Ѓоковиќ се врати на првото место на АТП откако го освои грен слемот Австралискиот опен, а оваа недела ќе биде загрозен за прв пат затоа што разликата меѓу него и Рафаел Надал е само 325 бода, па на Новак ќе му треба добар резултат во Дубаи, турнир кој се игра овие две недели.

Србинот не играше во Дубаи минатата година, па така, има добра можност да заработи нови бодови со кои ќе ја зголеми предноста во однос на својот ривал пред турнејата во САД и мечевите на Индијана Велс и Мајами, каде исто така не брани голем број на бодови од минатата сезона.

Од друга страна, Надал оваа недела ќе се појави на турнир во Акапулко, каде брани само 45 бода, откако лани претрпе елиминација уште во 2. коло од Ник Кирјос.

Теоретски, Надал може да го престигне Новак ако го освои турнирот во Акапулко, а Новак не го мине четвртфиналето во Дубаи.

Новак турнирот во Дубаи ќе го стартува денеска во 16 часот, а за противник го има 260-ти тенисер во светот, Тунижанецот Малек Жазири.