Не можеше потешко за Ѓоковиќ: Алкараз, Зверев и Синер, а пред тоа - „џелатот“ од Бризбејн
Српскиот тенисер го доби најтешкиот можен пат бидејќи за да стигне до 25.. Гренд слем титула, ако нема изненадувања, ќе треба да ги победи најдобрите тенисери во светот во моментов. Првите две кола не би требало да претставуваат проблем бидејќи за ривали ќе има релативно анонимни тенисери, но потоа следува пеколот.
Веќе во третото коло би можел да се сретне со Рајли Опелка од кого загуби во Бризбејн минатата недела или со чешкиот тенисер Махач од кого беше поразен лани во Дубаи. Во осминафиналето, според проекциите, ќе го чека Димитров или Лехечка кој триумфираше во Бризбејн, а во четвртфиналето би требало да се сретне со Карлос Алкараз кој со големи амбиции ја почнува новата сезона.
Полуфиналето носи пресметка со Зверев или Руд, а во финалето најверојатно ќе го чека Синер кој е фаворит на страната каде што се уште Медведев и Руне. Ваков исход од ждрепката и беше очекуван ако се знае дека Ѓоковиќ ја заврши 2024 година како седмопласиран на АТП листата.
Првиот носител на турнирот Јаник Синер почнува против Николас Жари од Чиле и негов најтежок ривал до четвртфиналето би можел да биде Алекс де Минор. Медведев стартува против квалификантот Самрај, Алкараз против Шевченко од Казахстан, а Зверев со Лука Пуј кој исто така е квалификант.