„Не ме пуштаат во САД, па што ми останува друго освен да победам на Вимблдон!“

За до неодамна најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ настапот на „Вимблдон“, кој почнува задутре, е последен на еден гренслем-турнир годинава, со оглед што уште од сега му кажаа дека нема да може да игра на „Ју-Ес опен“ зашто не е вакциниран, што ја зголемува желбата на Србинот да ја растури конкуренцијата на терените во Лондон.

Воедно, ова му е и последна шанса годината да не ја заврши без ниту еден гренслем-трофеј, со оглед што поради не сакањето да се вакцинира против Ковид-19 мораше да го пропушти Австралија опен, а на „Ролан Гарос“ загуби уште во четвртфиналето.

„Засега не ми е дозволен влез во САД, што ми е дополнителна мотивација да победам на 'Вимблдон'. Нема што друго да направам во моментов, освен да проработи инаетот кај мене. Од американската влада зависи дали ќе дозволи влез на невакцинирани лица во земјата, што во моментов е речиси сигурно дека нема да го стори тоа, барем не до крајот на годинава“, изјави Ѓоковиќ.

Србинот последен пат не триумфира на ниту еден од четирите најголеми турнири во веќе далечната 2017 година, но тогаш најмногу поради повреда токму на „Вимблдон“ каде што мораше да предаде меч во четвртфиналето, а потоа и да го пропушти „Ју-Ес Опен“.