„Не ме интересира коленото на Ѓоковиќ - дојдов да го освојам Вимблдон!“

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз со најголеми амбиции го пречекува Вимблдон (1-14 јули), а тоа е одбрана на титулата освоена лани на терените на „Ол Ингланд“ клубот.

Тој рече дека не го интересираат ривалите, особено ситуацијата со Новак Ѓоковиќ, кој до последен момент не знаеше дали ќе настапи на овој гренслем поради операцијата на коленото набрзо по Ролан Гарос.

„Тука сум да го повторам истиот резултат како минатата година. Посебно е чувството да се вратиш на Вимблдон како бранител на титулата, но се трудам да не размислувам премногу за тоа. Морам да бидам фокусиран секој ден, на секој тренинг. Не размислувам за ривалите, особено за повредите на некои од нив. Против секого ќе играм на победа“, изјави Алкараз.

Шпанецот пролетва се бореше со повреда на подлактицата, но сето тоа сега е зад него.

„Се чувствувам како да немам повреда на раката, играм и тренирам нормално. Завршивме одлична работа“, изјави Карлитос.

Негов прв противник на Вимблдон ќе биде Марк Лајал, кој е 262. играч во светот.