Надал се откажа - не игра на Вимблдон

Некогашниот најдобар светски тенисер Рафаел Надал дефинитивно го откажа својот настап на овогодишното издание на Вимблдон.

Такво нешто беше најавено во текот на оваа недела, но сега селекторот на шпанската репрезентација Давид Ферер потврди дека Надал нема да патува во Лондон со цел да се подготви за Олимписките игри каде ќе игра во двојки со Карлос Алкараз.

„Надал ќе дојде на подготовки во добра состојба. Стекна и малку самодоверба по 'Ролан Гарос'. Вимблдон? Рафа нема да игра на Вимблдон“, изјави Ферер.

Натпреварите на Олимписките игри ќе се играат на терените на „Ролан Гарос“, омиленото место на Надал на кое освои 14 Гренд слем титули.