„Мојата најдобра победа е против Ѓоковиќ, но и најболниот пораз“

Лоренцо Музети нема да настапи ниту на Вимблдон. Талентираниот Италијанец е дел од групата млади тенисери со огромен потенцијал кои во последните година и пол постојано се соочуваат со повреди и никако не успеваат целосно да го покажат својот квалитет.

Доколку Музети, Џек Дрејпер, Артур Фис и уште неколкумина редовно настапуваа без здравствени проблеми, веројатно денешниот светски тениски врв ќе изгледаше поинаку, а можеби ќе беше поинаква и борбата за најголемите трофеи.

Но, Италијанецот никако да ја надмине лошата среќа. Токму оваа година најдобро го потврди тоа. На првиот грен-слем турнир сезонава мораше да се повлече и покрај големата предност, а на следните два воопшто не се појави на теренот. Проблемите со здравјето го следат подолго време, но сега очигледно достигнаа кулминација.

Во разговор за француското модно списание „Л’Офисиел“, Музети откри која победа му е најдрага, а кој пораз најтешко го преживеал.

„Ако под најдобра победа се мисли на најважната, тогаш тоа е триумфот над Феликс Оже-Алијасим во мечот за бронзениот медал во Париз. Но, ако ме прашате која победа ми донесе најголемо задоволство, тогаш тоа е успехот против Новак Ѓоковиќ во Монте Карло во 2023 година. Тој тогаш беше број еден во светот и тенисер на кого му се восхитував уште од детските денови. Најболниот пораз? Повторно од Новак, на почетокот на оваа година. На Австралија опен водев со 2-0 во сетови, а потоа бев принуден да се предадам“изјави Музети.