Лина Ѓорческа супериорно до финалето во Куршумлиска Бања!

Четврти пат во 2023 година Лина Ѓорческа ќе игра финале на фјучерс турнирите во поединечна конкуренција. Најдобрата македонска тенисерка ќе се бори за пехарот во Куршумлиска Бања, во Србија, на турнирот со награден фонд од 40.000 долари, откако денеска, во полуфиналето убедливо ја совлада 19-годишната Чехинка Доминика Шалкова (352. на ВТА-листата) за 58 минути игра.

Во првиот сет, противничката не успеа ниту еднаш да го освои сопствениот сервис, па Ѓорческа го доби со 6-1, а вториот заврши со 6-3 и покрај тоа што Шалкова отвори со водство од 2-0.

Ова ќе биде четврто финале во 2023 година и четврти обид за првиот сингл пехар, 13-ти во кариерата. За да го освои, ќе треба да слави против една од двете тенисерки од второто полуфинале, во ситуација кога и двете се послабо рангирани од неа.

Ѓорческа како 216. на светот е петта носителка во Куршумлиска Бања, додека потенцијалните ривалки не се носителки. Антонија Ружиќ од Хрватска е на 300. позиција на светот, а Даниела Висмане од Летонија на 402.