Казахстанец го шокираше светот: Тенисот го мразам, ама мора да играм за да заработам!

Казахстанскиот тенисер Александер Бублик е 55-ти играч на светот според АТП, има само 22 години, висок е два метри и доста талентиран и во интервју за најугледниот спортски весник „Л'Екип“, ја отвори душата па ги шокираше сите во „белиот спорт“. Објави дека – тенисот го мрази од дното на душата.

Бублик во емотивната исповед посочи дека го мрази професионализмот, а тенис игра за да заработи пари и да може да живее нормално.

„Со сето срце го мразам тенисот. Го играм само поради пари. Ништо позитивно нема во тоа што станав тенисер. Ако немаше пари во тенисот од поодамна ќе го напуштев, веднаш ќе престанев да го играм. Моментно не заработувам многу надвор од тенисот, па мора да играм. Не сум во ситуација како мојот пријател Бернард Томиќ, затоа уште настапувам“, вели Александер.

Посочува дека го сака спортот, ама аматерски. Тенис ќе продолжи да игра и ако се откаже, само што овојпат чисто рекреативно и од забава.

„Јас го сакам спортот, сигурно дека ќе играм тенис и кога ќе се повлечам, ама кога ќе го видам како професионален спорт – ми се повраќа. Морам само да играм, дури ако сè ме боли, дури ако и девојката ме напушти... Тоа е тој голем дел кој го мразам, да мора да играм со нови лица. Мака ми е. Во тимските спортови некогаш може на тренерот да му кажете дека не може да играте од некоја причина, тука не може да кажете – не можам“, додава Бублик.