Историски ден за светскиот тенис: Ѓоковиќ ја почнува 400. недела на првото место!

Иако беше познато уште по првото коло од завршниот Мастерс во Торино, денеска и официјално Новак Ѓоковиќ ја почна својата 400. недела на челната позиција на АТП листата на која застана на 11.245 бода.

Одамна е рекордер во светскиот тенис по ова прашање, но денеска ги помести границите бидејќи никој во историјата не успеал да стигне ни приближно до оваа бројка. Најблиску до него е Роџер Федерер со 310 недели на првото место.

И тоа не е се бидејќи отсега е јасно дека разликата меѓу Ѓоковиќ и Федерер ќе изнесува најмалку 100 недели затоа што Србинот си обезбеди барем уште 10 на челната позиција. Тој сега има 2.390 бода повеќе од Карлос Алкараз, а со оглед на тоа што следува пауза во АТП турот, ќе биде лидер најмалку до 28 јануари кога завршува Австралија Опен или барем уште 10 недели.

Зад Алкараз, на листата се наоѓаат Данил Медведев со 7.600 бода, Јаник Синер со 6.490 и Андреј Рубљов со 4.805.