Хаос на АТП турот: Синер ја заврши годината, Ѓоковиќ во офанзива по пласман во Торино!

Неочекуваното отсуство на Јаник Синер од тениските терени дури до 2027 година, предизвика целосен хаос во машкиот тенис и широко ги отвори вратите за играчите од втората линија за настап на завршниот АТП турнир во Торино.

Битката која изгледаше речиси решена, се претвори во брза трка по преостанатите бодови, а во епицентарот на вниманието се најде Новак Ѓоковиќ. Одлуката на Синер да го пропушти крајот на сезоната ослободи едно сигурно место за турнирот во Италија, откако пласман веќе си обезбедија Карлос Алкараз и Александар Зверев, што целосно ги промени математиките на српскиот шампион.

По триумфот на турнирот во Пекинг и освојувањето на својата 102-ра титула во кариерата по предавањето на противникот, Ѓоковиќ собра вкупно 2.840 бодови и испрати јасна порака до конкуренцијата. Иако српскиот тенисер внимателно ги дозира своите настапи и го штеди телото во оваа фаза од кариерата, тој не крие дека пласманот меѓу осумте најдобри во Торино останува една од неговите главни натпреварувачки цели. За остварување на таа мисија, пред него претстојат два клучни предизвици – мастерс турнирите во Шангај и Париз, каде со добри резултати би ја задржал судбината целосно во свои раце.

Во моментов, зад Бен Шелтон, кој со 4.430 бодови практично има билет за Торино бидејќи за пласман се потребни околу 4.500, постои сериозна гужва на табелата. Него го следат Флавио Коболи со 3.540 бодови, Френсис Тијафо со 3.380, Артур Фис со 3.285 и Данил Медведев со 3.020 бодови. За рускиот тенисер овој период е исклучително турбулентен, бидејќи покрај колебливата форма, претрпе сериозен удар со одземањето на 200 бодови поради дисквалификацијата во Пекинг. Медведев, кој подоцна го посети повредениот гледач во болница правдајќи се дека инцидентот со топчето бил несреќен случај, сега се наоѓа во ризичната зона под дополнителен притисок пред настапот во Шангај.

Непосредно зад Ѓоковиќ на табелата се наоѓа Алекс де Минор со 2.690 бодови, додека сензацијата на сезоната, младиот Шпанец Рафаел Ходар, има 2.519 бодови. Шанса од позадина демнат и останатите претенденти разделени со само неколку победи, меѓу кои се Тејлор Фриц (2.490), Јакуб Меншик (2.405), Томи Пол (2.385) и Феликс Оже-Алијасим (2.375 бодови). И додека младите надежи го бркаат својот историски пласман, Ѓоковиќ се потпира на своето огромно искуство и шампионски менталитет за да ја потврди доминацијата при уште една смена на генерациите.