Ѓорческа руши сѐ пред себе – со „чиста“ победа до полуфинале на фјучерсот во Србија!

Нашата најдобра тенисерка, Лина Ѓорческа, се пласира во полуфиналето на фјучерс-турнирот во Куршумлијска бара (Србија), откако попладнево, во „Чисти“ два сета, ја совлада Французинката, Лоа Буасон (7-5, 7-6).

Македонката одигра зрело и имаше ментална стабилност да го издржи секој налет на противничката, особено во вториот сет во кој спаси дури четири сет-топки. Таа направи четири брејка во целиот меч, кој траеше еден час и 45 минути.

Ѓорческа во полуфиналната рунда ќе ги одмери силите против Доминика Салкова од Словачка, која беше подобра од Александра Круниќ од Србија со 2-0 во сетови, а која има 19 години и се наоѓа на 352 место на ВТА листата. Од сите полуфиналистки, македонската тенисерка единствена е рангирана како носителка (5), со оглед што во второто полуфинале ќе играат Даниела Висмане (Летонија) и Антонија Ружиќ (Хрватска).