Ѓоковиќ се мачел со ветерот и пустинското сонце: Не беше лесно!
Ѓоковиќ имаше лош старт и загуби ритам во првиот сет, но во продолжението успеа да ја стабилизира играта и да го сврти мечот во своја корист. По натпреварот истакна дека токму временските услови во Калифорнија биле главната причина за неговите почетни проблеми.
„Не почнав добро, што ми се случува овде во последните неколку настапи. Условите се многу тешки, а ветерот е особено незгоден. Постојано го менува правецот и многу е тешко да се најде вистински тајминг за ударите“, изјави популарниот Ноле.
Српскиот ас додаде дека дополнителен фактор бил и фактот што не одиграл официјален натпревар уште од финалето на Австралија опен во јануари, па му било потребно време да го пронајде ритамот.
„Знаев дека ќе биде тешко да се влезе во ритам. Ветерот постојано го менуваше правецот, а и сонцето создаваше проблеми. Сето тоа го зголемува притисокот. Во првиот сет имав многу маки, но на почетокот на вториот ја пронајдов играта и успеав да се вратам“, додаде Ѓоковиќ, оценувајќи дека мечот бил „тешка физичка и ментална битка“.
Ѓоковиќ во следната рунда од мастерсот во Индијан Велс ќе игра против Американецот Александар Ковачевиќ во борба за пласман во осминафиналето.