Оливеира е новото „најлошо момче“ во УФЦ – го претепа шампионот Холовеј (ВИДЕО)
Бразилецот славеше по пет рунди со едногласна одлука на судиите и на тој начин му се реваншираше на противникот за поразот од 2015 година, кога Хаваецот победи поради повреда на Оливеира уште во првата рунда. Текот на борбата беше речиси идентичен во сите пет рунди. По кратки размени во стоечка позиција и обиди на Холовеј да го нападне противникот, Оливеира брзо ја префрлаше борбата на партер, каде што целосно доминираше. Борецот од Бразил неколку пати беше блиску до завршница, но ривалот од Хаваи успеа да издржи до крајот на мечот. Сепак, победникот беше јасен уште пред судиската одлука.
БМФ појасот беше воведен во 2019 година како симболична титула, а првата борба за него ја имаа Хорхе Масвидал и Нејт Дијаз. Холовеј до него стигна на УФЦ 300, кога го нокаутираше Џастин Гејџи во една од највпечатливите завршници во последните години. Сепак, оваа борба беше неговата прва одбрана на титулата – и веднаш неуспешна. Оливеира, поранешен шампион во лесна категорија и еден од најатрактивните борци на својата генерација, со години е миленик на публиката поради агресивниот стил и бројните големи победи. По поразот од Ислам Махачев не успеа повторно да се искачи на шампионскиот трон, но и натаму останува во самиот врв на лесната категорија, поради што реваншот со Холовеј привлече огромно внимание кај ММА фановите.