ЛА Клиперс до пресврт по минус 19, Оклахома пак победи, Јанис остана без трипл-дабл (ВИДЕО)

Ноќеска во НБА-лигата беа одиграни неколку интересни натпревари, а најголемо внимание привлече драматичната победа на ЛА Клиперс во пресметката со Мемфис Гризлис (123-120).

Тимот од Лос Анџелес стигна до важен триумф во борбата за позициите што водат во плеј-ин фазата. Мемфис настапи без својата прва ѕвезда Џа Морант, но тоа не ги спречи Гризлис да имаат фантастичен почеток. Во втората четвртина тие стигнаа до предност од 19 поени, благодарение на одличниот шут за три поени и дури 10 погодени тројки во првата четвртина. Сепак, како што одминуваше натпреварот, Клиперси постепено ја топеа разликата. Клучна фигура во пресвртот беше Каваи Ленард, кој мечот го заврши со 28 поени. Значаен придонес дадоа и Матурин со 21 поен и 10 скокови, како и Гарланд со 21 поен, четири скока и шест асистенции. Кај Мемфис најефикасен беше Џером со 23 поени и седум асистенции, додека Хендрикс постигна 18 поени.

Актуелниот шампион Оклахома Сити Тандер продолжи со одличните резултати и го совлада Голден Стејт Вориорс (104-97), забележувајќи ја 49. победа сезонава. Лидер на Тандер повторно беше Шеј Гилџес-Александер, кој се наметнува како главен кандидат за МВП наградата. Тој мечот го заврши со 27 поени, пет скока и пет асистенции. Кај Вориорс се врати Кристапс Порзингис по пауза од шест натпревари и на вториот настап во новиот тим запиша девет поени, пет скокови и пет асистенции, додека најефикасен беше Гуи Сантош со 22 поени и 11 скокови.

До важна победа стигна и Милвоки Бакс, кој ја совлада Јута Џез (113-99) и ја прекина серијата од четири порази. Најдобар кај Бакс беше Јанис Адетокумбо со 27 поени, девет скокови и осум асистенции, додека кај Јута се истакна Кионте Џорџ со 22 поени.

Изненадување на вечерта направија кошаркарите на Атланта Хокс, кои на домашен терен ја совладаа Филаделфија севентисиксерс (125-116). Гостите имаа одличен старт и постигнаа 38 поени во првата четвртина, но не успеаја да го задржат водството. Дополнителен проблем за Филаделфија беше повредата на Тајрис Макси, кој по судир со соиграчот Адем Бона мораше да добие лекарска помош. Сепак, тој натпреварот го заврши со 31 поен и пет асистенции. Кај Атланта блескаше Џејлен Џонсон со 35 поени, 10 скокови и седум асистенции.