Штип УГД е специјалист за куп-титули, пак го кренаа пехарот!

Одбојкарите на Штип УГД трета година по ред го освојуваат Купот на Македонија, овојпат во финалето го совладаа тимот на Борец со 3-1 (25-17, 22-25, 32-30, 25-13) во сетови.

Борец одигра одлично финале, богато со убави поени, емоција, надмудрување… Сепак штипскиот состав покажа поголема константност и предводена од најкорисниот играч Стојан Илиев, како и одлично расположените Задмард, Јуниор, Арсов, Мирасчиев, Стојанов… кои го следеа дојде до „хет-трик“ во куп-натпреварувањето.

Кусо беше неизвесно на стартот од мечот, 2-2, за потоа бранителот на титулата да наметне свое темпо и да направи комотна предност 14-9, односно 17-10. Се обиде Петре Жабев на двапати да ги консолидира своите редови, но не успеја во тоа. Користејќи ја втората сет-топка, со 25-17, Штип УГД поведе со 1-0.

Егал стартуваше и вториот сет 4-4, но следуваше серија од 0-6 за Борец, која му донесе предност од 4-10. Се разиграа Оливеира, Бастос, Ивковиќ и Димовски, па предноста на велешани растеше (12-20). Во финишот на сетот Штип УГД полека почна да се враќа и со поангажирана игра и во поле и на мрежа се доближи на 19-24, но Борец со 22-25 го затвори сетот за изедначување 1-1.

Маратонски трет сет одиграа ривалите. Сет кој беше игра на нерви и на моментална инспирација. Штип УГД поведе со 3-1, но Борец веднаш се врати и се играше изедначено, најчесто поен за поен, а на 6-8 велешкиот тим за првпат имаше плус два. Таквата предност ја зголемија, 11-14, односно 15-18. „Бркаше“ резултат бранителот на пехарот се до 22-22 кога Илиев донесе изедначување. Следуваше долга серија на убави поени, надмудрување и вистинско мерење на силата на противниците, а „рулетот“ му припадна на Штип УГД со 32-30.

Штип УГД уште посилно влезе во продолжението, поведе со 6-2, односно 10-4 и според агресивноста која ја покажа на теренот даде до знаење дека нема да му дозволи на Борец да се врати во игра. Во средината на сетот веќе беше 15-7, т.е. 19-9, па тренерот Жабев направи комплетна промена на поставата и им дозволи и на помладите одбојкари во неговиот состав да го почувствуваат финалето. Истата пракса ја примени и предводникот на Штип УГД, Кристиан Ристески, а дуелот заврши со 25-13 и победа од 3-1 во сетови за штипскиот клуб.

Куп-пехарот трета година во низа останува во Штип, а сега следува битката за шампионската титула во првенството, за која одново овие два клуба се главни кандидати.

Фото: ОФМ/Вангел Тануровски