Го понуди балконот за 500 евра за мечот меѓу БиХ и Италија, па се покаја! (ФОТО)

Во Босна и Херцеговина владее вистинска фудбалска еуфорија, на стадионот во Зеница ќе ја пречекаат Италија во финалето од баражот за пласман на Светското првенство.

Билетите веднаш се разграбаа, а на црниот пазар достигнуваат рекордни цени. Интересот за мечот меѓу БиХ и Италија е огромен.

Дино Мујановиќ има среќа балконот од станот да му гледа кон стадионот и од таму беспрекорно можат да се следат мечевите.

На социјалните мрежи тој објави фотографија од стадионот направена од неговиот балкон и напиша:

„Изнајмувам балкон, цената е 500 евра, балконот може да прими четири луѓе, во цената влегува скара и пиење по ваш избор. Само сериозни понуди во инбокс“.

Тој ова го напишал како шала, но зажалил бидејќи неговиот инбокс бил преплавен од луѓе кои му нуделе разни работи со цел да добијат место на балконот.

Дино морал да напише уште една порака и да им објасни на луѓето дека се шегувал, а балконот е резервиран само за него и неговите најблиски.

„Еј драги луѓе, застанете и престанете да ми нудите разни работи во замена за балконот. Сето ова отиде малку предалеку. Кој не разбра дека се работи за шала, негов проблем. Балконот останува резервиран исклучително за блиските роднини и тоа е тоа. Одиме заедно до Светско...“.