
Ѓоковиќ откри зошто и покрај многуте порази сѐ уште не заминува во пензија!
Во интервју за „Евроспорт Шпанија“, српскиот тенисер порача дека сè уште не размислува за пензија, зашто љубовта кон играта не исчезнала.
„Да не сум мотивиран, немаше да бидам овде. Ќе го оставев рекетот и ќе си заминев. Но, сè уште ја чувствувам желбата да играм, да се натпреварувам. Страста е тука и тоа ме тера да продолжам“, изјави Ѓоковиќ, додавајќи дека гренслем-турнирите остануваат негов главен фокус, но дека сака да се докаже и на другите турнири.
Србинот призна дека последните месеци не се одвивале според планот – во Монте Карло испадна уште во првото коло, што самиот го опиша како „катастрофа“. Сепак, токму таквите моменти му се дополнителен поттик:
„И покрај неуспесите, не се откажувам. Знам дека формата ќе дојде, можеби овде во Мадрид, можеби во Париз. Јас сум оптимист“, рече тој.
На прашањето дали се чувствува како фаворит, Ѓоковиќ одговори скромно, но со надеж.
„Немам најдобри резултати оваа година, но тоа не значи дека немам шанси. Секогаш верувам во себе.“
Својот однос кон Мадрид и шпанската публика го опиша со голема емоција.
„Ми недостасуваше овој турнир. Овде имам прекрасни спомени, освоив три титули, играв фантастични мечеви со Надал и Алкарас. Шпанците го разбираат спортот и знаат да ја ценат играта“, заклучи Ѓоковиќ.
Српскиот ас е слободен во првата рунда во Мадрид, а во второто коло ќе ги одмери силите со подобриот од пресметката помеѓу Арналди и Борна Чориќ.