Ѓоковиќ на отворањето на ЗОИ во Милано откри дали ќе игра на ЛОИ 2028 во Ел-Еј!
Тој беше меѓу гостите на церемонијата и заедно со своето семејство го следеше дефилето на спортистите и спектаклот во Милано, град на чиј фудбалски клуб со истото име е навивач.
„Прекрасен спектакл, како и секогаш. Убаво е да се биде во Италија, земја на спортот. Го очекувавме ова и навистина го добивме. За мене ова беше првпат да присуствувам на отворање на Зимски олимписки игри и беше голема емоција. Многу сум среќен што ова искуство го доживеав со моето семејство“, изјави Ѓоковиќ.
На прашањето за настап на следните Летни олимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година, српскиот ас не ја криеше желбата, иако е свесен за временската дистанца.
„Далеку е, да. Во овој период од мојот живот и кариера тоа изгледа далечно, но очигледно е дека имам желба да стигнам дотаму“, истакна Ѓоковиќ.
Со спектакуларна церемонија на четири локации и со два олимписки пламена, официјално беа отворени ЗОИ во Милано и Кортина. Италија по 20 години повторно е домаќин, откако последен пат тоа беше Торино 2006. Ова ќе бидат најраспространетите Олимписки игри во историјата, со борилишта распоредени на повеќе од 22.000 квадратни километри. На Игрите учествуваат 2.871 спортист од 92 земји, кои ќе се натпреваруваат за 116 златни медали. Главната церемонија, под мотото „Хармонија“, се одржа во Милано пред 61.000 гледачи, а паралелно се одвиваше и во Кортина, Ливињо и Предац во автономната провинција Тренто.