Ѓоковиќ ќе се бори како лав во Париз: Најопасен сум кога предвреме ќе ме отпишат!

Најдобриот тенисер на сите времиња Новак Ѓоковиќ (37) е максимално подготвен за тенискиот турнир на претстојните Летни олимписки игри (ЛОИ), најавувајќи дека ќе стори се за да ја израдува српската нација со освојување златен медал.

Тој денеска изјави дека се чувствува подобро отколку пред Вимблдон, каде што загуби во финалето од Карлос Алкараз. Олимписката победа е единствената што му недостасува во негоата пребогата кариера.

„Очекувањата секогаш се големи. Секогаш пристапувам максимално и се трудам да ѝ донесам медал на Србија. Не успеав да го направам тоа на претходните Олимписки игри, но сега верувам дека ќе успеам. Во последните пет дена чувствувам дека сум многу поподготвен отколку пред Вимблдон“, изјави популарниот Ноле.

И овој пат бројни странски медиуми, но и обложувалници го отпишаа Ѓоковиќ од трката за олимписко злато, на што тој вели дека и во минатото имал слични ситуации и дека секогаш се враќал на вистинскиот пат.

„Што се однесува до прогнозите, луѓето секогаш ќе зборуваат што сакаат. Оваа година не ја освоив титулата, многу пати ме отпишуваа предвреме, па се враќав. Тоа може да биде само дополнителна мотивација за мене“, дополни најдобриот тенисер на сите времиња.

Србинот веќе во 2. коло би можел да се сретне со својот голем ривал, Рафаел Надал.

„Знам дека има голем интерес за овој потенцијален дуел во второто коло. Возбуден сум за пресметката со Шпанецот. Морам прво да ја пребродам повредата и да дадам се од себе. Свесен сум за тежината на олимпискиот турнир и за одговорноста да ја претставувам мојата земја. Ќе се обидам да имам петта среќа“, објасни Новак.

Ѓоковиќ ја објасни и својата одлука да не биде сместен во олимпиското село.

„Во олимпиското село секогаш имате време да разменувате искуства со други луѓе. Ќе го посетам олимпиското село, но нема да останам таму. Една од причините е што сакав поголема приватност и да можам што подобро да се подготвам за турнирот“, заврши српскиот тенисер.