„Ѓоковиќ е еден од најдобрите спортисти на сите времиња“

Откако го освои 14-от гренслем-турнир во Њујорк, УС-Опен, Новак Ѓоковиќ се израмни по бројот на освоени трофеи на најпрестижните турнири со легендарниот Пит Сампрас, па само Рафаел Надал (17) и Роже Федерер (20) сега е се пред српската ѕвезда, за која првпат пофални зборови доби и од неговиот најголем критичар Матс Виландер.

Виландер постојано го критикуваше Ѓоковиќ низ годините, а неговите коментари најмалку им се допаѓаа на приврзаниците на српскиот тенисер, но за „Л'Екип“, Швеѓанецот во својата колумна упати еден куп пофални зборови, дури потенцирајќи дека Ѓоковиќ е најдобриот спортист на сите времиња.

„Ѓоковиќ го достигна најголемото можно ниво. Дали е подобар од Федерер и Надал? Веројатно. Најмногу поради тоа што никој не може да го повреди. Неверојатно е со каква леснотија успева да ја направи оваа игра едноставна. Без премногу компликување, без непотребни ризици. Нема слабост во неговата игра. Тој е човек ѕид. Не може да го пробиете. Сето веќе кажано говори дека се работи за најдобриот спортист во историјата на тенисот и еден од најдобрите спортисти на сите времиња. Јас би го ставил во категорија со Мајкл Џордан и Мухамед Али. Тука може да го додадеме и Усеин Болт“, напишал Виландер.

Ѓоковиќ годинава успеа да се врати на спектакуларен начин по маките што ги имаше со повредите, па го освои Вимблдон, потоа стигна до историски успех во Синсинати за да ги комплетира сите трофеи од Мастерс-серијата, а пред три дена славеше и на УС-опен.