Французите открија „теорија на блеф“: Ѓоковиќ намерно губи!

За помалку од еден месец, Новак Ѓоковиќ ќе наполни 38 години и јасно е дека неговата кариера се ближи до крајот, но секако никој не очекуваше дека од ноември 2023 ќе остане без АТП трофеј.

Сезонава еднаш стигна до финале, на Мастерсот во Мајами и таму загуби од Меншик, додека на последните два турнира доживеа елиминации во првото коло. Тоа ги загрижи фановите на Ѓоковиќ, но францускиот портал „Ние сакаме тенис“ (welovetennis.fr) виде „завера на блеф“ во овие негови резултати. Според авторот на текстот, Новак намерно ги губи натпреварите со цел да создаде лажна слика пред „Ролан Гарос“.

„Со оглед на тоа како игра и колкаво е нивото на неговата самодоверба, јас би му советувал да не игра во Рим, особено поради тоа што Јаник Синер се враќа. Ако го доживее третиот пораз по ред во првиот меч, тоа ќе го докусури, ќе направи од него обичен тенисер.

А, можеби баш тоа го сака Србинот, за да може мирен и без никаков притисок да го дочека ’Ролан Гарос’. Ќе биде физички свеж и сигурно расположен, со насмевка на лицето бидејќи којзнае кој пат ќе го измами цел свет. Да почекаме и да видиме“, пишува авторот.

По елиминацијата во Монте Карло, Ѓоковиќ рече дека негова главна цел остануваат „Ролан Гарос“ и Вимблдон.