Емотивна сцена во Мелбурн: Татко ѝ влезе на терен, Возњацки почна да плаче (ВИДЕО)

Една од најпознатите тенисерки во светот, Каролина Возњацки на 29 години реши да се збогува со тенисот. Таа беше поразена во третото коло со 1-2 во сетови, односно 5-7, 6-3 и 5-7 и тука беше крајот на нејзината кариера.

Сепак, ниту тој пораз не можеше да фрли „сенка“ на успехот кој го постигна во последната деценија.

„Мислам дека беше очекувано да го одиграм последниот меч во кариерата во три сета и да го завршам со форхенд грешка. Тоа ме следеше во текот на цела кариера, па така мораше да биде. Ова беше одлично искуство, среќна сум и подготвена за ново поглавје во животот“, кажа Каролина во солзи.

Самото збогување со тенисот беше емотивно, а Каролина стоеше на центарот на теренот и ги гледаше пораките на останатите тенисери, меѓу кои беа и Новак Ѓоковиќ, Роџер Федерер...

Во меѓувреме на теренот влезе и татко ѝ, па ја крена во воздух по што ѝ даде поддршка за нејзината тешка одлука.