Атмосфера како на „Олд Трафорд“: Форлан пред домашна публика дебитира како тенисер (ВИДЕО)

Некогашниот прославен фудбалер од Уругвај, Диего Форлан, го одигра својот прв професионален натпревар во тенис и тоа на 45-годишна возраст, откако ја заврши фудбалската кариера во 2018 година.

Тој настапи на челинџер турнирот во Монтевидео во конкуренција на двојки, заедно со 101-виот светски рекет, Федерико Корија. Иако добија специјална покана за учество, Форлан и Корија не успеаја да ја минат првата пречка претрпувајќи пораз од Боливиецот Борис Ариас и Федерико Себаљос од Аргентина (1-6, 2-6) за само 47 минути игра. Сепак, атмосферата беше феноменална, со публика која со ентузијазам го поддржуваше Форлан, речиси како на фудбалски стадион.

Форлан, кој уште од младост важел за талентиран тенисер, го покажа своето умење и во 2003 година кога, за време на подготовките со Манчестер Јунајтед во Портланд, го совлада најдобриот „тенисер“ меѓу „Црвените ѓаволи,“ Руд ван Нистелрој.

Иако не се очекува дека Форлан ќе продолжи со активни настапи во професионалниот тенис, постои можност тој да учествува во турнири за ветерани, каде неговата добра физичка подготвеност би можела да му овозможи конкурентност на теренот.