Почнуваат „Четирите скокалници“: Новата година не може да се замисли без руска и без нив!

Новогодишните празници веќе 73-та година традиционално ќе почнат со турнејата „Четири скокалници“, која почнува денеска во Оберсдорф и ќе продолжи со Гармис-Партенкирхен, Инсбрук и Бишофсхофен.

Минатогодишниот шампион, Јапонецот Рјоју Кобајаши, ќе се обиде да ја освои својата четврта титула и да се изедначи со легендарниот Германец Јенс Вајсфлог. Кобајашине е во врвна форма оваа сезона – без пласмани во топ 10 на првите 10 натпревари, но останува еден од главните фаворити благодарение на искуството и способноста да се носи со притисокот. Лани успеа да ја освои титулата без победа на ниту една од скокалниците, нешто што го постигнале само девет натпреварувачи во историјата.

Негов главен предизвикувач оваа година е Германецот Пиус Пашке, кој е во врвна форма со пет победи оваа сезона и водство во генералниот пласман со 715 поени. Други потенцијални фаворити се Австријците Даниел Чофениг и Штефан Крафт, Швајцарецот Грегор Дешванден и Норвежаните Кристофер Ериксен Сундал и Халвор Егнер Гранеруд. Трикратниот шампион, Камил Стох од Полска, годинава ќе ја пропушти турнејата, оценувајќи дека не е доволно конкурентен.

Распоред на настаните:

29 декември (16:30): Оберсдорф – Шатенберг

1 јануари (13:30): Гармис-Партенкирхен – Голема олимписка скокалница

4 јануари (13:30): Инсбрук – Бергизел

6 јануари (16:30): Бишофсхофен – Пол Аусерлајтнер