Пировано до сензационална прва победа во Светскиот куп – за само една стотинка!

Италијанката Лаура Пировано ја оствари првата победа во кариерата во Светски куп во алпско скијање, откако триумфираше на денешниот спуст што се возеше во Вал ди Фаса.

Таа до историскиот успех стигна со минимална предност – за само една стотинка секунда беше побрза од Германката Ема Ајхер, додека третото место го освои Американката Бризи Џонсон, актуелна олимписка шампионка во спуст, која заостана 29 стотинки. За Пировано ова е убедливо најголемиот успех во кариерата. Нејзин најдобар резултат сезонава беше четвртото место на спустот во Цаухензе на почетокот од јануари, а на ЗОИ во Кортина д'Ампецо заврши петта во супервелеслалом и шеста во спуст.

Разочарување доживеа нејзината сонародничка Софија Гоџа, која се надеваше дека ќе се врати во борбата за малиот Кристален глобус во спуст, но трката ја заврши дури на 16. место со заостанување од 0.90 секунди. Во поредокот на спуст и натаму води Американката Линдзи Вон со 400 бодови, иако неодамна доживеа тежок пад и повреда на олимписката трка во спуст. Сепак, ситуацијата на врвот станува сè понеизвесна – Ајхер сега има 386 бодови, а Пировано е трета со 336. Гоџа падна на седмото место со 255 бодови.

Во генералниот пласман на Светскиот куп води Американката Микаела Шифрин со 1.133 бодови, но Ајхер ѝ се приближи на 139 бодови (994).