Годинешното ЕП во Прага едно од најуспешните за македонските млади шахисти

Повеќе од солидни резултати остварија младите македонски шахисти кои настапија на годинешното Европското првенство во Прага, со оглед што до половична успешност дојдоа Моника Жежовска, Софија Беловска, Ахмет Селим Абдурахман и Антон Златков.

Најдобар пласман оствари најмалата шахистка, Софија Беловска, која се натпреваруваше во категоријата за девојчиња до 8 години. Таа дојде до пет поени од девет партии и се пласира на 21. место од 55 учеснички од Европа. Победи против претставничките на Шпанија, Естонија, Кипар и Чешка, ремизираше со Азербејџан и Чешка и загуби од Романија, Холандија и Данска.

„Беловска е најпријатното изненадување. Се работи за голем талент со предиспозиции да стане силна шахистка. Поседува голема упорност, желба, стрпливост во текот на партијата и да не стане од столчето по 4,5 часа, а и по партијата сака да остане во салата и да ги погледне другите партии, што е неверојатно за таа возраст. Мислам дека ќе имаме силна шахистка во идно време, уште повеќе ако се знае дека таа игра шах една година, од кои последните шест месеци континуирано“, вели ИМ Марјан Митков, секретар во Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), кој е тренер и претставник на македонската шаховска делегација во Прага.

Најмногу бодови, пак, вкупно пет ипол обезбеди Моника Жежовска, која во моментов со 16 години важи за најдобра македонска шахистка со рејтинг 2106. Таа обезбеди четири победи и тоа против претставничките на Азербејџан, Косово, Шпанија и Грција, одигра три реми со претставничките на Словачка, Србија и Шпанија и загуби од шахистките на Украина и Унгарија.

Кај момчињата, пак, најуспешни се Ахмет Селим Абурахман (до 10 години) на 43-то место и сениорскиот репрезентативец ФМ Антон Златков (до 18 години) на 49-то место, двајцата со по пет поени.

„По резултатите и одиграните партии кај машките би го пофалил Абдурахман, кој е двократен првак на Македонија до 8 и до 10 години и се работи за перспективен шахист, особено е ценет неговиот влог и работа во шахот“, дополни Митков.

Данчевски: Одлични резултати на ЕП во Прага, можеме уште подобро

Интернационалниот мајстор Орце Данчевски и наставник на поголем дел од годинашните претставници на Европското првенство оценува дека ова е добар показател за потенцијалот и шаховскиот талент на нашите деца и смета дека со малку повеќе работа ќе успееме да се придвижиме кон шаховскиот врв во Европа. Според Данчевски радуваат резултатите, особено фактот дека четири деца остварија над 50% успех на ова првенство и додава на вредност тоа што две од нив се девојчиња, што е раритет во шаховските статистики на вакви првенства.

„Ова се позитивни поместувања кои уште повеќе ме мотивираат да го зголемиме обемот на работа со нашите шаховски таленти. Имав можност да ги анализирам најголем дел од партиите на нашите претставници и можам да заклучам дека сме на добар пат. Недостасува малку поголема упорност и зголемување на работните часови за професионални тренинзи“, вели Данчевски.

Според него, токму овие настани се импулс за промоција на шаховските резултати и дополнително мотивирање на нови деца, особено преку проектот „шах во училиштата”.

„Проектот шах во училиштата, како и големиот број шаховски школи почнуваат да дават подобри резултати и се надевам дека во што поголем број училишта ќе се применува наставата по шах, а веќе следните години очекувам уште подобри резултати на ваквите настапи“, дополни Данчевски.

Македонските претставници заедно на годинашното континентално првенство освоија вкупно 50,5 бода од 115 партии (40 победи, 21 реми, 54 порази) или 43,9 отсто. Седумте момчиња собраа 26,5 поени од 62 можни (21 победа, 11 ремија, 30 порази, 42,7 отсто), а девојчињата 24 поени од 53 партии (19 победи, 10 ремија, 24 порази, 45,2 отсто).

РЕЗУЛТАТИ НА МАКЕДОНСКИТЕ ШАХИСТИ НА ЕП ВО ПРАГА

Категорија/Шахист/Рејтинг/ Поени/Место/Учесници

ДЕВОЈЧИЊА

8 год. Софија Беловска – 5/21/55

10 год. Андреа Цветановска – 2,5/69/73

12 год. Илијана Велева (1.556) 4,5/50/93

14 год. Ивана Велкоска (1.490) 3,5/94/109

16 год. Моника Жежовска (2.069) 5,5/25/96

18 год. Иџи Ајрадиноска (1.812) 3/71/84

МОМЧИЊА

8 год. Васил Иванов (1.452) 3/68/79

10 год. Ахмет Абдурахман (1.602) 5/43/113

10 год. Дамјан Николовски (1.526) 4/78/113

12 год. Павел Крстевски (1.873) 4/67/114

14 год. Андреј Иванов (1.879) 3,5/110/142

16 год. Ефе Ибраимов (1.770) 2/144/147

18 год. ФМ Антон Златков (2.297) 5/49/126