Тројца Македонци ќе пливаат на охридските 10 километри, меѓу нив - Поп Ацев!

Пливачката федерација на Македонија (ПФМ) ја најави втората маратонска дисциплина во нејзина организација во Охридското Езеро овој месец. На 18 август ќе се пливаат олимписките 10 километри, а ќе учествуваат тројца Македонци.

Дисциплината која ја има и во олимписката програма, 10 километри на отворени води, ќе биде прв дел од маратонската програма во Охрид овој викенд. Пријавени се девет пливачи во машка конкуренција и осум во женска, меѓу нив Евгениј Поп Ацев, Александар Илиевски и Ева Петровска.

Поп Ацев, кој влезе во медиумски конфликт со раководството на ПФМ, сепак фигурира меѓу пријавените и ќе плива на дисциплината во која не успеа да оствари олимписка норма за Рио 2016.

Патеката ќе биде во кружна делница од 1670 метри, на која ќе треба да се комплетираат 6 круга. За технички организатор е назначен пливачкиот клуб Феникс. Оваа година првпат се случува Македонија да има два официјални маратона на отворени води, со официјалните дисциплини на 10 и 25 километри.

Вториот ќе биде оној традиционалниот Охридски маратон, кој досега имаше должина од 31 километри и ќе се одржи седум дена подоцна, на 25 август.

Охрид и викендов беше домаќин на маратон на 10 километри, меѓутоа во организација на локалниот клуб „Охридски бранови“

 

Листа на учесници мажи

Листа на учесници жени

мапа на трката