Поп Ацев е со скршено срце: Ме лажеа, а знаеја дека можам да постигнам многу!

Циркусијадата во македонското пливање, на која подолг период сме сведоци со менување на раководството во федерацијата како на лента, во зависност кој каква врска ќе најде со државните институции, доби своја кулминација со непријавувањето на Евгениј Поп-Ацев на Европското првенство (ЕП) во Глазгов, кое е во тек.

Неговиот брат Дарко, вчера, ги обвини претседателот на Пливачката федерација на Македонија (ПФМ), Александар Маленко и селекторот Томи Стефановски дека намерно го изиграле нашиот најдобар пливач во моментов. Евгениј, пак, доцна синоќа преку емотивна исповед на социјалните мрежи проба да покаже колку му е скршено срцето од тоа што не му беше дадена шанса да се проба со најдобрите на Стариот континент.

„Изминатата година цела моја енергија, фокус, тренинг и мотивација беше за ова првенство. До последен ден добивав лажни информации од ПФМ и верував дека сѐ е во ред со мојот настап. Може да замислите колку беше разочарувачки и тажно за мене кога со веќе пола спакувана торба видов на стартната листа (пред само два дена) дека моето име не е таму. Имам едно објаснување од ПФМ (нема ни да се осмелам да го објаснувам зашто е патетично и понижувачко) и сосема спротивно од ЛЕН која вели дека мојата федерација не пратила пријава. За тие кои ме познаваат или кои се натпреварувале на интернационално ниво ќе разберат дека за моите разочараност огорченост и болка нема зборови да се опишат. Уште поболно е дека луѓето одговорни за оваа ситуација се натреварувале на исто ниво и се свесни колку ми значеше настапот и колку можев да постигнам. Ниту еден спортист не заслужува и не треба да го доживее ова и затоа решив јавно да го споделам“, напиша Поп Ацев во своето обраќање до јавноста.

Нашиот пливач поставената норма за настап на ЕП, поставена од ПФМ, ја исполнил уште во февруари.