ПФМ намерно не го пријавила Поп Ацев да настапи на ЕП!?

Евгениј Поп Ацев требаше да биде единствениот македонски претставник на претстојното Европско првенство (ЕП) кое ќе се одржи од трети до 12. август во Глазгов, но од неговиот табор известија преку Фејсбук дека нема да настапува.

Дарко Поп Ацев, братот на Евгениј, ја обвинува Пливачката федерација на Македонија (ПМФ), првиот човек Александар Маленко и селекторот за маратонско пливање Томи Стефановски дека намерно не го пријавиле Евгениј за настап на ЕП.

„Евгениј утре требаше да настапи, а до вчера секој ден веќе еден месец беше избегнуван од горенаведените во врска со информациите за неговиот настап. Пријавен си, чекаме карта да ти купиме, за сместување бараме, имаме договорено со амбасадорот за виза...“, пишува Дарко.

Од таборот на Евгениј повикуваат некој да преземе мерки и да ги разреши Маленко и Стефановски затоа што не го почитуваат трудот кој го вложуваат спортистите.

„Сакате спорт во државава? Каков спорт со вакви ликови? Преваранти! Под итно мора да се разреши ова, зашто момчето тренира постојано за тоа Европско и Светско првенство, а некој си игра мајтап со тоа. Има ли некој во државава, има ли некој претпоставен, функционира ли нешто овде во оваа недојдија“, прашуваат од таборот на Евгениј.