Не е до парите: Охридскиот маратон не се одржува зашто - нема кој да плива!

Неодржувањето на традиционалниот Охридски маратон поради, барем според официјалните изјави, блокираната сметка на Националната пливачка федерација (НПФ) донесе голем револт во спортската јавност и предизвика политичка кавга помеѓу партиите за тоа кој е виновен за ваквата ситуација и тоа на 60-годишнината од првата вистинска маратонска трка на македонскиот езерски бисер.

Но, последните информации велат дека приказната со блокираната сметка е само параван за вистината, а тоа е дека Охридскиот маратон каков што го знаевме во последните 50. издание повеќе не е во календарот на Светската пливачка федерација (ФИНА). Тоа не е поради долгата борба за власт во македонското пливање туку поради фактот што ФИНА ја укина маратонската дисциплина за пливање на најмалку 25 километри и поддржува само трки на 10 километри на отворено. А, Охридски маратон не е во календарот за Светското првенство во оваа категорија, поради што луѓето од НПФ процениле дека подобро е воопшто да нема настан.

„ФИНА од годинава одлучи да нема повеќе светска серија на маратони на 25 километри маратони, а секоја држава и федерација може да си организира локална или било каква спортска пливачка манифестација без никаква официјална резултатска вредност! Постои олимписка дисциплина – 10 километри далечинско пливање, која е во официјална светска серија ФИНА и ЛЕН Европски Куп. Бујрум, направете ако ве бива официјален пливачки маратон, ама за да ви биде официјален ќе треба да аплицирате за четиригодишен договор однапред, онака како јас ставив потпис и спроведов докрај заедно со мој професионален тим“, го потврдува ова и досегашниот прв човек на НПФ, Александар Маленко.

Најголемиот проблем за организаторот на годинешното издание на Охридски маратон, без разлика кој да биде тоа со оглед што политичарите веќе почнаа да се „тепаат“ во борбата за поени, е фактот што ниту еден од најдобрите светски пливачи нема да бидат во Европа во следниот период. Причина за тоа трката од Светската маратонска серија закажана за периодот од 25-27 август во Канада, каде што ќе настапат сите што вредат во оваа пливачка дисциплина. Токму ова е најголемата причина за вчерашното соопштение на првиот човек на НПФ со претседателот Стево Пендаровски по кој беше објавена непријатната вест.