Величествено отворени Игрите во Париз: Олимпискиот оган го запалија Мари Жозе Перек и Теди Ринер

На величествен начин, вечерва во Париз се отворени 33. Летни олимписки игри кои, ако се суди по почетокот, ќе бидат најспектакуларни во историјата.

Најголемата чест, да го запалат олимпискиот оган ја добија француските спортски легенди, атлетичарката Мари Жозе Перек, трикратна олимписка шампионка на 200 и 400 метри и џудистот Теди Ринер, исто така троен олимписки шампион и освојувач на вкупно пет медали.

Организаторот се погрижи церемонијата на отворање да биде апсолутно различна од се што е видено досега во 128-годишната историја на Олимписките игри. Од дефилето на учесниците во реката Сена, преку трансферот на олимпискиот факел, опфаќајќи ги најважните знаменитости на Париз, до палењето на олимпискиот оган, во балон кој лебди над француската престолнина.

 

 

Во примопредавањето на олимпискиот факел учествуваат голем број француски и светски спортски легенди, од Зинедин Зидан, преку Рафаел Надал, Надја Команечи, Серена Вилијамс и Карл Луис кои со брод го носеа огнот, до Амели Морезмо, Тони Паркер, Мари Амели ле Фур, Нантенин Кеита, Алексис Анкинан, Микаел Гигу и поранешната ракометарка на Вардар, Алисон Пино.

Финалето од церемонијата го зачини музичката дива Селин Дион со својот перформанс од Ајфеловата кула. Целата церемонија траеше околу четири часа.