Русите убедливо до полуфинале, Финките освоија бронза

Хокеарскиот турнир во Пјонгчанг продолжи со нови натпревари претпладнево, од кои победници излегоа Русите и Финките, првите за полуфинале, вторите за медал.

Хокеарите на Русија ѝ се придружија на Чешка меѓу четирите најдобри на ЗОИ во Пјонгчанг, откако ја декласираа Норвешка со 6-1. Уште во првата третина стана јасно што ќе се случува кога Григоренко, Гусев и Војнов стрелаа за 3-0. Во втората третина постигнаа уште два, потпишани со Калинин и Нстеров, а во последните 20 минути Телегин ги докрајчи. Во меѓувреме, Бонсаксен реализираше колку за чест на Норвежаните.

Во полуфиналето, Русите ќе играат со победникот од Канада – Финска.

Хокеарките на Финска, пак, се радуваат на бронза, совладувајќи ја токму селекцијата од Русија со 3-2. Ниеминен, Тапани и Валимаки беа стрелци за Финска, а Сосина и Бељакова на двапати намалуваа.