Половина жители на Токио не веруваат дека ЛОИ ќе се одржат догодина!?

Нешто повеќе од половина жители на јапонската престолнина Токио не веруваат дека ќе се организираат Летните Олимписки игри догодина, откако пандемијата со коронавирус го одложи најголемиот спортски настан закажан за летово.

Низа јапонски медиуми спроведоа анкета меѓу населението во Токио, а повеќе од една четвртина (28 отсто) се изјасниле дека треба уште сега комплетно да се откажат игрите, додека 24 отсто се изјасниле дека очекуваат одложување за уште една година. Вкупно 51,7 отсто сметаат дека ЛОИ во 2021 нема да се одржат, за разлика од 46,3 отсто кои се изјасниле дека сакаат ЛОИ да се одржат.

Анкетата била направена во изминативе три дена на репрезентативен примерок од 1.030 жители. Поради коронавирусот остануваат да висат Игрите, зашто многу високи лица од организацискиот одбор, посочуваат дека без вакцина против Ковид-19 тешко истите да се одржат.

Од друга страна, Јапонија веќе претрпе сериозна финансиска штета, а според најавите сега спонзорите на Игрите треба да најдат 3,3 милијарди долари за да се одржи настанот една година подоцна од планираното.