Од земјите од поранешна Југославија, само БиХ има помалку спортисти од Македонија на ЛОИ

Денеска во Париз почнуваат Летните олимписки игри со неконвенционалната церемонија што ќе се одржи на реката Сана.

Македонија во француската престолнина ќе ја претставуваат шест натпреварувачи во шест спортови: атлетика, џудо, стрелаштво, пливање, таеквондо и борење. Од осамостојувањето и првото учество во 1996 година, помалку спортисти сме имале само во 2012 година (4), во 2016 имавме исто така 6, а рекордот е од дебито во Атланта кога нашата држава ја претставуваа 11 спортисти во четири спорта.

Кога станува збор за државите од поранешна Југославија, помалку претставници во Париз ќе има само Бих, петмина. Косово има 9, Црна Гора 19, Хрватска 73, Словенија 90, а рекордер е Србија со 112 учесници.

На минатите Олимписки игри, во Токио, Македонија беше една од освојувачите на медали со среброто на Дејан Георгиевски. Неговиот успех ќе се обидат да го повторат Дарио Ивановски, Еди Шерифовски, Анастасија Мојсовска, Никола Ѓуретановиќ, Миљана Рељиќ и Владимир Егоров.