Нордиецот Ставре Јада ќе го носи македонското знаме на отворањето на 23-те Зимски Олимписки игри во Пјонгчанг, кои почнуваат на 9 февруари, откако денеска во просториите на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК) беа промовирани тројцата претставници од земјава за најголемиот зимски спортски настан.

Јада ќе се натпреварува во две дисциплини, 15 километри и спринт, но неговиот избор за олимпиец беше посебно во фокусот откако бившиот олимпиец и нордиец Дарко Дамјановски ја нападна скијачката федерација дека избрале олимпиец кој не заслужува да оди на ЗОИ во Пјонгчанг.

Македонија ќе има тројца олимпијци во Јужна Кореја и тоа Антонио Ристевски во алпско скијање (слалом и велеслалом), Викторија Тодоровска во нордиско скијање (10 километри) и Јада во нордиско скијање (15 километри и во спринт). Од МОК објавија дека Ристевски затоа што бил знаменосец на претходните ЗОИ во Сочи во 2014 година, сега Јада како носител на А-норма ќе ја има честа да го носи македонското знаме во Пјонгчанг. Покрај тројцата олимпијци во Пјонгчанг ќе патуваат и тренерите Ѓоко Динески и Иван Лесески.

За нордијците ова е прв настап на олимписките игри, а Јада и Тодоровска најавија дека ќе се обидат да го дадат максимумот и да остварат што е можно подобар пласман во своите трки, додека најискусниот Ристевски посака да го повтори пласманот од Сочи и да биде меѓу најдобрите 30 скијачи во неговата омилена дисциплина слаломот.