„Македонија нормата за ЗОИ ја избори на ролери, па уште и со - крадење!“ (ВИДЕО)

До почетокот на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, Јужна Кореја, има уште десет дена, а во Македонија уште се водат тивки војни, главно по социјалните мрежи, за извршени неправди и форсирани учесници. Нордиецот со троен олимписки стаж, Дарко Дамјановски, тврди дека е обесправен и дека Скијачката федерација на Македонија (СФМ) по нерегуларен пат го прати Ставре Јада на негово место.

Дамјановски избори олимписка норма уште во февруари минатата година, на трка во Маврово и остана единствен Македонец со а-норма сѐ додека не се појави податокот дека Ставре Јада исто така исполнил услови за ЗОИ. На почетокот на јануари, Дамјановски беше целосно суспендиран од СФМ и тој нема право да учествува на ЗОИ, па Јада останува единствениот наш претставник во машка конкуренција. Дамјановски обвинува: „неговата норма е местена“!

„Тој што ќе оди на ЗОИ направи норма на летна трка со ролери (15 км), во Амфиполи, Грција. Прво ролери и скии не е исто, ова е зимски спорт, на снег, на посебни услови, а не на рамен асфалт. Но дури и да поминеме преку тоа, трката со која е обезбедена нормата е местена! Јас имам видео како ги местат трките и не се плашам да го покажам“, вели Дамјановски и го прати видеото до нашата редакција.

„Македонскиот натпреварувач ја минува целта како осми, влегува на четири и нешто секунди после победникот, а во официјалните резултати го регистрираат како 1,7 секунди задоцнување, само за да оствари норма. Таа норма е купена, мојата е заслужена. Јас сум направил норма на снег на скии, на меѓународни трки, на Балкански игри, како што е регуларно, а тие со ролери...“, се жали Дамјановски.

Прво, она што е веднаш воочливо за обичниот читател - со трки на ролери се квалификуваат за скијачки трки на ЗОИ. Овие посебни „ролер-скии“ се користат за натпреварувачите да тренираат и да останат во форма во текот на летната сезона, додека нема снег. Оттука, според прописите и резултатите со „ролер-скии“ се валидни во трката по Олимписка норма, меѓутоа најчесто се различни со оние на натпреварувачите со скии, вели Дамјановски.

„Тоа е пропишано во правилата на ФИС, меѓутоа тотално е различно. Нормално дека овие со ролери нема да бидат ни блиску до нас натпреварувачите со скии и обратно, ние може да бидеме мали деца за нив, да се тркаме на ролери“, упростува Дамјановски.

Продолжи информирајќи нѐ дека видеово, како доказен материјал, го пратил и до ФИС, а оттаму добил одговор дека ќе го разгледаат и дека можни се санкции за Скијачката федерација на Македонија. Меѓутоа, ништо од тоа не го менува фактот дека тој нема даучествува на ЗОИ во Пјонгчанг. Дури и повеќе, со тоа што се обратил во ФИС, вели дека добил ригорозна суспензија.

„Ова видео го пратив до меѓународната федерација. Поради тој мој потег СФМ ме суспендира, велат сум направил скандал. Ми даваат суспензија како да сум се допингувал, како да сум убил човек. Прво бев суспендиран на 19 декември, но тогаш можев самостојно да се финансирам и да настапувам, сега веќе немам право никаде да настапувам како натпреварувач од Македонија. Прават сѐ за да ме откажат и да ме избришат целосно“, продолжи Дамјановски.

Неговиот „крвав“ однос со СФМ датира од порано, уште од Сочи 2014, кога тој беше обвинет дека го продавал мобилниот телефон кој го доделуваше организаторот на сите олимпијци учесници. На крајот на минатата година беше опоменуван со јавни соопштенија од Федерацијата, а на 21 декември е изречена и суспензијата со која му ја укинуваат финансиската поддршка. Таму се наведени повеќе точки како причина за суспензијата, меѓу кои: 

- Тој не ги оправда подигнатите 7000 евра со патни налози и сметки во склад со усвоената програма.

- Не се извини за неспортското однесување и навреди кон останатите натпреварувачи, тренерот и членовите на ИО.

- Не престана со обвинувања со цел да го наруши угледот на СФМ И МОК преку социјалните мрежи и на натпреварите во контакти со претставниците на другите екипи.

Дамјановски и за ова има одговор.

„На секој месец им имам доставувано извештај за сите потрошени пари, а на крај на сезоната се правдаат сметките. За извинување, сум се извинил на сите, освен на селекторот Ѓоко Динески, кој јавно, на собрание, ме обвинуваше дека сум земал допинг. Него никој не го казнил, за мене веднаш суспензија“, вели Дамјановски.

Тој побарал помош од Агенцијата за млади и спорт, за целиов случај, а вели дека одамна нема поддршка од Македонскиот олимписки комитет, со кој исто така влезе во „војна“ преку социјалните медиуми. Дамјановски 13 години е апсолутен првак на Македонија во нордиско трчање, а нашата земја ја претставуваше на ЗОИ во Торино, Ванкувер и во Сочи.