На ЛОИ ќе има 15.000 спортисти, а ќе ги тестираат секој четврти ден!

Летните Олимписки игри кои треба летоска од 23 јули до 8 август да се одржат во Токио, ќе бидат специјални зашто ќе се одржат во ек на оваа корона-криза, за која засега не се знае дали до летото ќе успее масовната имунизација со вакцинирањето, па организаторите веќе го подготвиле протоколот како да се одржат игрите.

Организаторите, заедно со државните власти и управата на метрополитанското подрачје на Токио подготвиле план за безбедни игри и „корона фри“ зона на ЛОИ, на тој начин што секој спортист ќе оди на тестирање секој четврти ден. Бидејќи се очекува да има 15.000 спортисти од целиот свет, јасно е колку масовно ќе биде тестирањето, особено што спортистите во Токио ќе дојдат и порано пред стартот на игрите, па практично скоро еден месец ќе бидат подложни на тестирање.

Токио донела одлука спортистите да се иземат од 14-дневен карантин, кој во моментов важи за сите што доаѓаат од странство во Јапонија. Поради ова, комплетен центар за тестирање ќе биде сместен во олимпиското село, каде што ќе бидат и спортистите, па на тој начин ќе се направи „балон“ од заштитена зона и така би се осигурало безбедно подрачје за непречено одржување на Игрите.

„Сакаме да бидеме внимателни со спортистите, но не да го затвориме селото до крајни граници. Тоа што ќе бараме е спортистите после завршување на Игрите што е можно најбрзо да си заминат дома“, додале од организацискиот комитет.

Организацискиот одбор објави дека на пролет ќе обелодени дали и колку ќе биде дозволен влез на странци, пред сѐ туристи и навивачи, откако се појавија информации дека нема да има проблеми, но засега останува енигма дали натпреварите ќе бидат пред публика или пред празни трибини.

„За вакцината, таа сѐ уште не е достапна и што ќе се случува понатаму ќе бидиме. Ние сега мора да направиме план како да ја нема вакцината. Има радосни вести деновиве за вакцината, ама далеку е од масовна имунизација“, додаваат од организацискиот одбор.