Докторката на науки која математички пресмета како да освои злато во Токио и - успеа!

Ана Кисенхофер е една од најубавите олимписки приказни на овие ЛОИ во Токио, зашто австриската велосипедистка успеа да стигне до златото како аматер, како самостоен велосипедист, без клуб и без тренер.

Кисенхофер триумфираше на уличната трка, а во Токио дојде како 94-та на ранг-листата, па никој не и придавал значење дека може да стигне до десето место, а не пак до медал и тоа најсјаен.

Дека сите ја потцениле најдобра слика е завршницата на 137 киломеѕтарската улична трка, кога во последната етапа со Кисенхофер влегле уште четири други велосипедистки, а сите тие мислеле дека битката за медалите се вози меѓу нив, сметајќи дека Кисенхофер заостанува цел круг, а Австријката во еден момент имала и пет секунди предност пред нив. Па дури, Холанѓанката Анимиек Ван Влојтен, која заврши како втора, со високо кренати раце влезе на целта, сметајќи дека победила и го освоила златото, пред да се освести дека австриската велосипедистка победи со минута ипол предност пред неа.

И оваа приказна за најголемите стручњаци е една од најголемите изненадувања на Игрите, зашто за победа во најголемиот дел од обложувачниците во светот нејзиниот коефициент бил 500 или над тоа (на едно евро се добиваат 500).

Кисенхофер пред пет години првпат победи на аматерска трка во Шпанија на 25 години, а брзо потоа потпиша професионален договор со Лото Судал Лејдис, но во 2017 година се повлече од спортот. Дури пред две години повторно се активираше, но како аматер. И на овие ЛОИ дојде без тренер и без клуб, без професионален договор. За ЛОИ се подготвувала со неколку други аматери, за да си го исполни животниот сон за учество на едни Олимписки игри, без цел за медал.

Но, во приказната се крие еден адут кој никој не го знаел. Таа е доктор на науки по математика, откако Кисенхофер дипломирала на Кембриџ, а потоа докторирала на Универзитетот во Барселона.

Годинава направила истражување за влијанието на жештината врз човечкото тело под напор, а математички прецизно си направила план за Игрите, како да тргне, како да вози, кога да нападне... Сето тоа на крај и помогнало да стигне за нешто за кое за разлика од многу спортисти не ни сонувала, да биде олимписки првак. Во Токио големата влажност и високите температури и тоа како влијаат на спортистите, посебно на тие на отворено, па Новак Ѓоковиќ, како една од најголемите ѕвезди се жалеше на условите, но Кисенхофер очигледно одлично го спровела истражувањето и се подготвила за напорот, а успехот е поголем зашто доаѓа од алпска земја каде температурите се поинакви од Токио и спортистите потешко се прилагодуваат од други кои доаѓаат од слични подрачја.

„Порано имав тренери, а сега сама сѐ правам. Тренирам, сама се грижам за рекуперација, за тоа што ќе јадам. Сама си направив план за трката, точно знаев како ќе стартувам, каде ќе се обидам да ја нападнам конкуренцијата, што да јадам пред трката“, вели Кисенхофер.

Таа е прва велосипедистка која после 19-от век носи злато во овој спорт за Австрија, уште од 1896 година. А, Австрија од ЛОИ во Атина во 2004 гофина немаше освоено злато. И сега, оваа докторка на науки нема намера да се враќа во светот на професионализмот.

„Штом се појавам на трка значи дека сум спремна и дека сакам да победам, ама исто така сум и реална. Пред Игрите ги анализирав своите шанси и ќе бев задоволна ако бев меѓу најдобрите 25, а ова сега ми е и понатаму толку незамисливо, дека јас имам злато од ЛОИ во Токио. Не сакам професонална кариера, без оглед на овој успех. Јас само сакам да уживам во велосипедизмот“, додава Ана.