„Воинот во мене победи на 'Скопски' - срцето кое чука за Македонија го диктираше ритамот!“
Неговиот најголем успех во годината што изминува е победата на Скопскиот маратон, втора во неговата кариера, по онаа во 2021 година. До триумфот стигна со време од 2:14:50 часа, откако во драматичен финиш го надмина Кениецот Џулиус Кипкоеч. Ивановски признава дека оваа трка ќе ја памети засекогаш, особено затоа што до последен момент не бил сигурен дали воопшто ќе настапи.
„Една од трките кои сигурно ќе ги паметам до крајот на животот ке биде годинешната победа на Скопскиот маратон. До последниот ден не бев сигурен дали ќе можам да настапам поради тотална исцрпеност на телото од Светското првенство кое се одржа во Токио. Тоа за мене беше многу повеќе од само победа на еден маратон, тоа беше одговор на многу од моите неодговорени прашања во мојата глава, една од моите победи во моите мисли. Едноставно, трката на Скопскиот маратон ја оставив на воинот во мене, се препуштив на вољата на Господ и оставив на срцето да го диктира ритамот. Одев со чисти мисли, бев подготвен дека треба да го дадам максимумот но во ниту еден момент не очекував дека ке победам“.
Имаше ли некои предзнаци дека тоа може да биде историски ден за тебе и за македонската атлетика?
„Кога се разбудив утрото пред трка почувствував дека токму тој ден ќе биде посебен за мене. Секогаш кога ке настапувам под македонското знаме ја чувствувам таа одговорност каде што морам да се борам и покажам во најдобро светло. Овој Скопски маратон беше и Балканско првенство. Паралелно се трчаше и за светиот дрес, тоа беше и една од најголемите причини што прифатив и да го трчам Скопскиот маратон. Да ме прашавте што посакував пред трката, ќе ви одговорев само подиум на Балканското првенство. Да ми кажавте дека ќе победам ќе ви се насмеев - во ниту еден момент немаше да спомнам дека ке се видам на првото место на пиедесталот“.

Кој друг момент од годината што изминува би го издвоил?
„Оваа година имав доста драги моменти кои ке ги паметам, но би рекол дека дефинитивно е победата на Скопскиот маратон и посетата на Јапонија, една од најубавите држави на светот, каде што во Токио настапив на Светското првенство“.
А, дали постои момент за кој жалиш или сметаш дека можело подобро?
„Секако, тоа се две трки кои бев сигурен дека можам многу подобро. Би го издвоил Балканското првенство во Атина во полумаратон каде што освоив второ место. Бев сигурен дека можев да победам таму, но не знам што ми се случи на таа трка. И секако Светското првенство во Токио, од топлите исцрпувачки денови тоа лето, бев премногу исцрпен и ослабен каде што бев во дефицит, типично без енергија, каде што ми се резултираше на многу слаб резултат. Не би рекол дека жалам, би кажал дека е една огромна научена лекција“.
Дали си задоволен од поддршката што ја добиваш?
„Македонија е местото каде што сум се родил, тука сум научил да одам, трчам, зборувам македонски и тука ми се најблиските. Македонија не е виновна, ми дала доволно да бидам она што сум денеска. Во врска со условите како еден спортист или од надлежните кои треба да се грижат за спортот, мислам дека нема потреба да коментирам. Погледнете каде и како тренираат атлетичарите. Благодарение на приватните спонзори и на кругот несебичен кој го имам околу мене да не беа тие до сега можеби и не би бил ова што сум денеска. Јас сум човек кој е роден да трча, со или без поддршка од државата ќе го правам ова со целото мое срце“.

Какви се плановите за 2026 година?
„Наредната година е многу возбудлива за мене и мојот тим. Во февруари трчам во Севиља на маратонот каде што го имам истрчано моето најдобро маратонско време од 2:08:26. Дефинитивно ке го издвојам Европското првенство во Бирмингем, каде што ке настапам во дисциплината маратон и Медитеранските игри во Италија Таранто“.
Која е твојата новогодишна резолуција, желбите кои им ги посакуваш на блиските, но и на сите спортски вљубеници?
„На сите им посакувам пред се здравје, им посакувам топол дом, љубов и слога со најблиските. Да прават работи кои ке ги исполнуваат и да се трудат да прават добри дела, зашто само така ќе имаме мир и ќе ни се случуваат убави работи“.