Невил го загуби трпението и „удри“ по Аморим: Секоја измена му беше бизарна!

Легендарниот Гери Невил остро го критикуваше тактичкиот пристап на тренерот Рубен Аморим во вчерашното реми против Вулвс, убедливо најслабата екипа сезонава во Премиер лигата.

Според Невил, Аморим со секоја измена која ја направил во натпреварот ситуцијата станувала само полоша.

„ Секоја измена беше бизарна. Ако Зиркзе не беше повреден и тоа беше тактичка измена, таа беше навистина лоша. Зиркзе не е Ерик Кантона, во ниту една смисла, но требаше да биде таму поради физичката сила, поради присуството, поради искуството. И постигна гол. Не можеш да го замениш. Затоа се надевам дека е повреден. Се надевам дека е повреден поради Рубен Аморим“, изјави тој.

Откако дозна дека повлекувањето на Зиркзе било од тактички, а не од кондициски причини, Невил додаде:

„Тоа не е во ред. Тоа не смееше да се случи.“

Невил смета дека Аморим не ја распоредил правилно својата екипа во раните фази од натпреварот на „Олд Трафорд“, па така го означи Португалецот како главен виновник за ремито.